Македонскиот репрезентативец Андреј Шошкиќ блеска во дресот на Универзитетот Стони Брук и е многу блиску до влез меѓу легендите во американската кошарка.
Синоќа Сивулфс триумфираа против Хемптон на домашен терен со 79-72 и ја продолжија борбата за второто место во својата конференција. Шошкиќ повторно беше на ниво и постигна 14 поени со три скока и три украдени топки, продолжувајќи со фантастичните изданија оваа сезона.
Сепак, по овој натпревар, има една статистика која го носи Шошкиќ на чекор од елитно друштво не само во НЦАА, туку и во кошарката во САД.

На три натпревари пред крајот на основниот дел од сезоната, тој има фантастични бројки: 51,4% од игра, 47% за тројка и 95% од линијата за слободни фрлања. Само 11 кошаркари во историјата на НЦАА успеале да ја завршат сезоната со ваква статистиика, последниот од нив е актуелниот играч на Њу Орлеанс Пеликанс, Треј Марфи во сезоната 2020/21, а единствениот дебитант е Ајзеа Вилијамс пред 12 години.
И тоа не е се. Само десет кошаркар во историјата на НБА лигата досега успеале да ја завршат сезоната со статистика како што има Шошкиќ, а меѓу нив се легенди како Лери Бирд, Реџи Милер и Стеф Кари.
Во последните три меча, Стони Брук игра против Монмаут, Хофстра и Тоусон, ако Шошкиќ ги задржи овие бројки, ќе си обезбеди бесмртност во НЦАА и во американската кошарка воопшто.


