Кадетската репрезентација на Македонија убедливо го совлада Кипар во првото коло од Б-Европското првенство што денеска почна во земјава.
Нашите млади кошаркари триумфираа со 82-63 и најавија дека се подготвени да се борат за едно од првите две места во својата група кои водат во четвртфиналето. Со исклучок на еден краток период од 19 секунди, Македонија постојано беше во водство и се загреа за многу потешките задачи кои ѝ следуваат во претстојните четири кола.
Единственото водство Кипар го имаше благодарение на тројката на Христодулу на влезот на втората минута (3-2). Следуваше серија од 14-0, нешто подоцна и водство од 25-9 и се чинеше дека уште тогаш работата е завршена. Највисоката предност во првото полувреме, нашите кошаркари ја достигнаа во финишот од вториот квартал и изнесуваше 21 разлика (44-23), но далеку од тоа дека се беше готово.
Кипар направи серија од 18-1 на крајот од првото и влезот на второто полувреме и се доближи на само четири поени негатива (41-45) и најави драма во финишот. За среќа, македонските кошаркари брзо се разбудија, одговорија со 21-2 и на почетокот од последниот период имаа огромна предност, од 71-47. Кипар тука веќе не можеше да се врати во игра и Македонија мирно го приведе мечот кон крај.
Свое шоу имаше Дион Шабани кој го заврши натпреварот со дабл дабл од 37 поени и десет скока и индекс 41, а одличен меч одигра и Александар Зунзуровски кој заврши со 23 поени. Тие двајца имаа речиси ист број поени колку целата кипарска репрезентација на овој натпревар.
Многу потежок испит, нашите кошаркари ги очекува утре кога се среќаваат со Исланд, во стандардниот термин од 18:30 часот.


