Уште пред почетокот на Европското првенство беше јасно дека овој шампионат ќе биде „последен танц“ за Серџо Скариоло како селектор на Шпанија и дека Федерацијата ќе мора да бара негов наследник.
„Фуријата“ доживеа дебакл на континенталното првенство, не успеа да ја помине групната фаза и италијанскиот стручњак неславно ја заврши својата одисеја во шпанската репрезентација со која освои седум медали на големите натпреварувања за вкупно 15 години на клупата. Во новата сезона тој ќе го води Реал и тоа ќе биде негов единствен ангажман во иднина.

Со оглед на тоа што во ноември почнуваат квалификациите за Светското првенство, Кошаркарската федерација ќе мора брзо да реагира, а во конкуренција за испразнетото селекторско место во моментов се четворица стручњаци од кои тројца во моментов се без ангажман. За наследник на Скариоло конкурираат довчерашниот тренер на Реал, Чус Матео, неговиот претходник на истата позиција Пабло Ласо, некогашниот предводник на Барселона, Чави Пасквал и актуелниот тренер на Билбао, Хаума Понсарнау.
Најголеми шанси му се даваат на Ласо кој од заминувањето од Реал немаше поголеми успеси, но додека го водеше мадридскиот клуб се соочуваше со тешки здравствени проблеми поради кои беше и хоспитализиран. Фактот што е најтрофеен тренер во историјата на Реал го прави фаворит за селекторското место, а позитивно за него е тоа што нема многу обврски во текот на годината и следното големо натпреварување е дури во 2027 – Мундијалот во Катар. Пред почетокот на Европското првенство, шпанските медиуми објавија дека тој ќе биде селектор, но никогаш не дојде официјална потврда од Федерацијата. Инаку, ниеден од четворицата кандидати за функцијата нема селекторско искуство зад себе.


