Македонската јуниорска репрезентација доживеа уште еден убедлив пораз на Европското првенство откако попладнево загуби од фаворитот Шпанија со 38-92.
По неуспесите во групната фаза, веројатно никој не очекуваше нашите кошаркари да направат изненадување, а повторно, речиси третина од поените постигнаа со шут за тројка. Куриозитет е тоа што за 40 минути, македонската репрезентација не изведе ниедно слободно фрлање, а Шпанците направија само осум лични грешки.
За разлика од претходните натпревари, сега нашата селекција се држеше во првата четвртина која ѝ припадна на Шпанија со 19-13, но потоа доживеа колапс. Вториот период заврши со само седум постигнати поени на Македонија, а второто полувреме Шпанците го добија со 50-18. Дарјан Димовски со 13 поени беше единствен со двоцифрен ефект во македонската селекција која имаше дури 26 загубени топки.
Македонија сега се сели во борбата за опстанок, односно за пласман од 9. до 16. место. Прв противник ќе биде поразениот од дуелот меѓу Израел и Турција кој се игра од 16 часот.


