Црвена Звезда се раздели со Саша Обрадовиќ, сезоната ќе ја заврши Милан Томиќ, а како што тврдат српските медиуми, кормилото на белградскиот клуб од следната сезона ќе го преземе Василис Спанулис.
Има интерес од голем број клубови за грчкиот стратег, Арис неодамна направи голем напор да го донесе кај себе, но наводно Звезда успеала да го убеди Гркот да дојде во Белград и тој, како што тврдат кај нашиот северен сосед, веќе потпишал договор за претстојната сезона. Спанулис е многу баран на европскиот пазар откако го напушти Монако во март. Минатата година ги однесе „кнезовите“ на евролигашкиот Ф4, каде што беше поразен во финалето од Фенербахче. Сепак, кризата во клубот на сите нивоа резултираше со заминување на легендата на европската кошарка од Монако.
Сега тој ќе започне нова тренерска мисија во Белград. На овој начин, Звезда повторно ќе добие грчки стратег, со оглед на тоа што пред Саша Обрадовиќ, екипата ја водеше Јанис Сферопулос.
Во Звезда дуваат нови ветришта по неуспешната сезона во Евролигата, каде што очекувањата беа огромни, а екипата заврши само на 10. место и веднаш беше елиминирана во плеј-инот од Барселона. Милош Теодосиќ, легенда на српската кошарка и човек кој може да придонесе со своето знаење, искуство и контакти, се враќа во клубот. Василис Спанулис исто така ќе биде дел од новата црвено-бела сложувалка. Новата сезона е далеку, но доволна за повторно да го разгори оптимизмот кај „Делиите“, кои нема да бидат задоволни од тековната сезона дури и ако Црвена Звезда го освои трофејот на КЛС на Ф4 во Ниш.


