Актуелниот шампион МЗТ Скопје ја продолжи доминацијата во дуелите со Работнички откако вечерва го совлада на домашен терен со 97-93 по продолжение.
Можеби најдобриот Работнички оваа сезона воопшто, а секако најдобар во дуелите со МЗТ, испушти голема шанса да дојде до злато вредна победа и да се вмеша во борбата за пласман во плејофот. Водеше со 11 разлика во првото полувреме, остана во игра до самиот финиш, се извлече од пораз на три секунди пред крајот, имаше +4 во продолжението, а сепак поразен си замина од Аеродром.
Почетокот помина апсолутно во знакот на Работнички кој по водството на МЗТ со 11-6 направи направи серија од 12-0 и првата четвртина ја заврши со водство од 20-13, а ако се земе предвид и стартот на вториот квартал, серијата изнесуваше 18-2 за највисоки 24-13. Домаќинот почна да се враќа, но Работнички не се даваше, имаше 40-33 на три минути пред крајот на полувремето за, сепак, на голем одмор да се замине со минимално водство на Работнички од 43-42.
Третиот квартал помина во израмнета игра, но веројатно сите помислија дека Работнички е готов кога МЗТ поведе со 70-62 по три минути игра во последниот период. Но, тимот од Градски парк не се предаде, продолжи со својата игра, се разигра Робев и во последната минута се влезе со минимална предност на МЗТ од 79-78. Петков го однесе својот тим на +3, Робев потоа промаши, но Смит несфатливо отиде на кош иако можеше топката да ја држи до крајот, а гостите не се одлучија рано да прават фаул. Рикиќ оствари дефанзивен скок, проигра со Ефремовски, а капитенот на гостинскиот тим од голема далечина и преку двајца противнички кошаркари успеа од табла да погоди тројка за израмнување и продолжение.
Дополнителните пет минути почнаа со серија од 5-0 на МЗТ, ама ни тоа не ги поколеба играчите на Работнички. Одговорија со 11-2 за високи 92-88 на точно две минути пред крајот. Во меѓувреме МЗТ остана и без Дамјан Стојановски кој направи пет лични грешки, но клучниот меч се случи на 90 секунди пред крајот кога од истите причини играта мораше да ја напушти Роберт Рикиќ кој беше нерешлива енигма за противничките играчи. Без него под кошот, МЗТ лесно пробиваше и брзо го израмни резултатот, Ефремовски и Костоски имаа два броплети шута во раната фаза од нападот и на 25 секунди пред крајот му овозможија на Петков со три слободни фрлања да стави точка. Плејмејкерот на МЗТ три пати беше прецизен, на спротивната страна Ефремовски погоди само еднаш и повторно Петков непогрешлив за конечните 97-93.
Смит со 25 поени беше најефикасен кај МЗТ, но партија на сезоната одигра Петков кој постигна 18 поени, 11 асистенции и четири скока. Ефремовски постигна 25 поени за Работнички со пет тројки, ама Роберт Рикиќ уште еднаш ја покажа својата вредност, реализирајќи 25 поени и 15 скока.
Со оваа победа МЗТ Скопје остана во игра за првото место на табелата во пресрет на плејофот, додека Работнички продолжува во плејаутот и ќе се бори за опстанок во елитната конкуренција.


