По седум одиграни кола, повеќе нема непоразени екипи во Првата македонска кошаркарска лига.
До денеска, последен кој одолеваше на ривалите беше ТФТ, но и тимот од Тафталиџе денеска потклекна и тоа во последниот меч пред репрезентативната пауза. Подобар од ТФТ и тоа како гостин беше Чаир кој во Кале славеше со 94-92 по продолжение во најатрактивниот натпревар од македонското првенство оваа сезона. ТФТ беше на милиметри до седмата победа во низа, но не го издржа последниот напад на противникот и првпат оваа сезона капитулираше.
ТФТ го диктираше темпото речиси цел натпревар, во првото полувреме често имаше двоцифрена предност, а највисокото изнесуваше 15 поени, на 30-тина секунди пред крајот на вториот квартал. Така беше до финишот на третата четвртина кога Чаир почна да покажува знаци на живот и постепено да го намалува водството на домашниот тим. На почетокот одеше тешко, но работата беше олесната на почетокот од последниот период кога поради пет лични грешки ТФТ остана без двајца исклучително важни играчи – Хотон и Зафиров.
Тоа ја скрати ротацијата на домаќините, Чаир продолжи да притиска и на 44 секунди пред крајот поведе со 79-78. Тома Стојановски во следниот напад го врати водството на ТФТ, Мофит потоа направи чекори, а Стојановски од линијата за слободни фрлања го однесе домашниот тим на 82-79. ТФТ можеше да направи лична грешка и да ја скрати можноста на Чаир со тројка да го однесе мечот во продолжение, но не стигна. Кулминација на возбудувањата беше последниот напад. Мофит прво промаши, но топката дојде директно во рацете на Ролинс кој во последните секунди погоди тројка и се избори за дополнителни пет минути (82-82).
Тие почнаа со техничка грешка на клупата на Чаир и погодено слободно фрлање на Говенс, но потоа следуваше серија од 7-0 на гостите по која тие отидоа на 89-83. Говенс и Гафни го одржаа ТФТ во живот, домаќините имаа и последен напад за израмнување или победа, но Говенс не успеа да упати шут и Чаир се израдува на шестата победа во сезоната.
Клучен фактор за триумфот на чаирчани беше скокот бидејќи гостите имаа дури 15 скока повеќе од ТФТ и 15 офанзивни скокови. Некои од нив беа исклучително важни, како оној на Какруки на 85 секунди пред крајот по што погоди за 76-78 и тој на Кели во последниот напад со што практично му додаде на Ролинс за израмнувачката тројка. Тоа е последица и на отсуството на Хотон во клучните моменти со што ТФТ остана без високи играчи, со исклучок на Николов.
Ролинс со 28 поени беше најефикасен кај Чаир, Кирк додаде 24, а дабл дабл остварија Мофит (21 поен, 10 скока) и Какруки (12 поени, 10 скока). Говенс го предводеше ТФТ со 31 поен и 8 асистенции. За ТФТ допрва претстојат тешките натпревари бидејќи во следното коло му гостува на МЗТ Скопје, а во 11. круг оди и во Битола, кај Пелистер.


