Два дена откако кадетската екипа на Вардар стана државен шампион, титулата ја освоија и јуниорите на овој клуб, на завршниот турнир што се одржа во Гевгелија.
Слично како во Куманово во неделата, Вардар во финалето беше подобар од Водно Санс, сега со 106-97 за продолжување на доминацијата во оваа категорија во која триумфираше и лани. Кошаркарите на двете екипи заслужуваат признание за покажаното на теренот бидејќи одиграа натпревар каков што ретко се гледа во Македонија, дури и во сениорска конкуренција, постигнувајќи вкупно 203 поени.

Одлуката за победникот падна во последните три минути. Во нив Водно Санс влезе со предност од 92-88, но Вардар направи серија од 10-0 за преземање на водството и +6 во финалните 90 секунди. Водно Санс не успеа да направи пресврт и да дојде до победата и мораше да му честита на победникот.
Марко Луканоски беше убедливо најдобар играч на натпреварот со 25 поени и 16 скока за индекс 46, но огромна заслуга за триумфот има поранешниот играч на Водно Санс, Лука Марјановиќ кој беше најефикасен со 27 поени на кои додаде 11 скока. Луканоски на крајот беше прогласен за МВП на завршниот турнир. Атанасиј Трајанов со 25 го предводеше поразениот тим со 25 поени и 16 скока.
Третото место во оваа категорија го освои Феникс кој во „малото финале“ го победи домаќинот Кожув со 84-67.
фото: Филип Данински


