Кошаркарскиот клуб Работнички влегува во завршната фаза од подготовките за новата сезона, а во следните два дена во Скопје ќе има можност да ги одмери силите со исклучително квалитетен противник.
Во Градски парк денеска и утре ќе гостува Војводина, во рамките на двата контролни натпревари кои ќе претставуваат сериозен тест за составот на Владимир Мирковски пред стартот на сезоната.
Војводина во Скопје доаѓа во најсилен состав, со 16 кошаркари кои ќе го понесат товарот во новата сезона и ќе се обидат да ја однесат екипата во АБА лигата. Тоа е можност Работнички да се соочи со ривал во кој има и сериозно европско искуство.
Војводина неодамна стана филијала на Дубаи, а соработката со клубот од Обединетите Арапски Емирати веднаш се почувствува и во ростерот. Во Скопје гостите пристигнуваат со тројца кошаркари кои се на позајмица од Дубаи и двајца поранешни евролигашки кошаркари, па за Работнички ова ќе биде можност да види до каде е во однос на екипа со сериозни амбиции и играчи со искуство од највисокото европско ниво.
За „црвено-белите“, овие два натпревара доаѓаат во вистински момент. По промените во составот и формирањето на новиот тим, Мирковски ќе има прилика да испроба различни комбинации, да ја провери формата на играчите и да види како неговиот тим ќе реагира против физички и индивидуално поквалитетен противник.
Работнички веќе одигра неколку контролни средби во подготвителниот период, но двата дуели со Војводина несомнено се убедливо најсериозни проверки пред официјалниот старт на сезоната.
Посебно внимание ќе привлече и фактот што натпреварите се играат пред домашната публика. Градски парк денеска и утре ќе биде местото каде што скопската кошаркарска публика ќе може да види две екипи со сериозен квалитет, а за Работнички ова е шанса подготовките да ги заокружи со тестови кои многу ќе му кажат на стручниот штаб.
Денешниот натпревар се игра од 18 часот, а се очекува трибините во Градски парк да бидат преполни.


