Екипите на Олимпијакос и Макаби го одиграа можеби најспектакуларниот во досегашниот дел од Евролигата.
Кошаркарите на Олимпијакос приредија неверојатен пресврт и славеа со 97-95 по продолжение, во натпревар што се одигра во Лимасол. Драмата во Кипар донесе две неверојатни тројки во последните моменти, од кои едната беше вистинско ремек-дело, а другата ја запечати победата на грчкиот гигант.
Олимпијакос имаше одличен почеток и уште во првото полувреме најави дека е подготвен за победа. Предводени од расположениот Саша Везенков, гостите на паузата заминаа со убедливи 49-36 и изгледаа како да имаат целосна контрола врз случувањата на теренот.
WHAT WE HAVE SEEN? https://t.co/yyFNwj4ogt
— Matteo Andreani (@matty_vanpersie) November 17, 2026
Сепак, Макаби не се предаде. Израелскиот состав постепено ја топеше негативата, а во последната четвртина направи серија од 13-0 со која поведе со 67-61. Олимпијакос се најде во сериозен проблем, а домаќините продолжија да ја зголемуваат предноста, па на нешто повеќе од половина минута до крајот на регуларниот дел водеа со 80-77.
Нешто подоцна беше и 82-77 на 16 секунди пред истекот на основниот дел од мечот. Кога се чинеше дека победата е на дофат на израелскиот тим, следуваше потег што долго ќе се прераскажува.
Саша Везенков прво намали со две слободни фрлања, а потоа Олимпијакос доби неверојатен подарок од Јам Мадар. Израелскиот тим можеше да ја чува топката до крајот, успешно ги избегна фаулите на противникот и кога требаше само да дозволи да истече времето, Мадар ја фрли топката во аут, на нешто повеќе од секунда пред крајот. Везенков ја доби топката и од речиси половина терен, свртен со грб кон кошот, успеа да погоди и да израмни на 82-82. Бугарскиот ас го испрати натпреварот во продолжение со еден од најспектакуларните потези на досегашниот дел од сезоната.
Драмата продолжи и во дополнителните пет минути. Везенков погоди уште две тројки, но Макаби повторно најде начин да се врати и поведе со 95-91 на 28 секунди до крајот.
CORY JOSEPH WINS IT FOR @Olympiacos_BC IN OVERTIME 🎯
#MotorolaMagicMoment @Moto I @Olympiacos_BC https://t.co/QOpEAaVtGp
— EuroLeague (@EuroLeague) November 17, 2026
Еван Фурние ја врати неизвесноста со тројка за 95-94, а потоа следуваше клучната грешка на Макаби при изведувањето на топката. Олимпијакос ја искористи подарената можност, а Кори Џозеф со тројка во последниот момент го постави конечниот резултат од 97-95 и донесе огромна победа за грчкиот тим.
Апсолутен херој на вечерта беше Везенков, кој натпреварот го заврши со 37 поени и девет скока, со индекс на корисност 41. Фурние придонесе со 16 поени и пет асистенции, додека Џозеф запиша 14 поени и пет асистенции.


