Големите градски ривали Работнички и МЗТ Скопје ќе играат меѓу себе во полуфиналето од меморијалниот турнир „Андреј Грковски Тафта“ кој ќе се одржи в петок и сабота во Кале, во организација на Кошаркарскиот клуб ТФТ.
Така одлучи денешната ждрепка која одеше во живо на профилите на социјалните мрежи на ТФТ. Не се случува често скопските ривали да се сретнат на турнири, па ова ќе биде една од ретките можности да играат еден против друг во оваа фаза, односно на подготовките. Ако се има предвид дека во саботата, на дуелот меѓу Работнички и Башкими во Кале имаше околу 200 припадници на Сити Парк Бојс, може да се очекува навивачки спектакл и на претстојниот турнир.
Него ќе го отворат домаќинот ТФТ и Кожув чиј натпревар почнува в петок од 18 часот, а Работнички и МЗТ играат од 20:30 истиот ден. Дуелот за третото место е на програмата в сабота од 16, а финалето е од 19 часот.


