Пред два дена херој беше Кендрик Нан, а вечерва Најџел Хејс Дејвис, но Панатинаикос со два брејка си оди од Валенсија и е на чекор од пласман на завршниот турнир во Евролигата.
За разлика од првиот натпревар на кој беа постигнати вкупно 135 поени, денеска имаше 212, а ПАО славеше со 107-105 по продолжение. Неверојатен шут имаа двете екипи, постигнувајќи по 16 тројки, но победникот се решаваше во последниот напад.
Хејс Дејвис ја зеде топката, се избори за позиција и погоди со звукот на сирената, нешто слично како Нан завчера, на истото место. Токму Хејс Дејвис беше и најефикасен со 27 поени, со пет тројки од девет шута, Нан додаде 19, а Осман 16. Монтеро беше најефикасен кај Валенсија со 21 поен.
Серијата сега се сели во ОАКА каде пред крајот на мај ќе се одржи и завршниот турнир од Евролигата. На Панатинаикос му треба една победа на следните два меча за да си обезбеди пласман на Ф4.
Многу блиску до место на завршниот турнир се и Фенербахче и Олимпијакос кои вечерва поведоа со 2-0 против Жалгирис и Монако.
РЕЗУЛТАТИ
Фенербахче – Жалгирис 86-74 (2-0)
Олимпијакос – Монако 94-64 (2-0)
Валенсија – Панатинаикос 105-107 (0-2)


