Кошаркарско шоу со две продолженија приредија Вашингтон и Детроит во НБА лигата, а на крајот на големата драма се радуваа гостите, кои славеа со 144-140.
Главна ѕвезда на вечерта беше Кејд Канингем, кој одигра спектакуларен натпревар и постигна неверојатни 52 поени. Првата ѕвезда на Пистонс го надмина својот досегашен личен рекорд, но уште повпечатлив беше начинот на кој стигна до ова достигнување. Канингем запиша и 11 асистенции, а зад неговото име не беше забележана ниту една загубена топка.
Со ваквиот учинок се запиша во историјата на најсилната кошаркарска лига во светот и стана првиот играч во историјата кој на еден натпревар остварил најмалку 50 поени и 10 асистенции без ниту една грешка од тој вид. Канингем беше вистинска енигма за одбраната на Вашингтон, а особено сигурен беше од линијата за слободни фрлања, каде реализираше 17 од 18 обиди.
Домаќините не се предаваа и двапати успеваа да се извлечат од неповолната ситуација. Тре Јанг со кош во последните моменти го однесе натпреварот во дополнителни пет минути, но ниту првото продолжение не беше доволно за да се добие победникот. Во второто, Детроит конечно успеа да ја обезбеди победата. Значаен придонес во триумфот на гостите имаше и Аусар Томпсон, кој стигна до првиот трипл-дабл во својата НБА-кариера. Тој средбата ја заврши со 17 поени, 11 скокови и 11 асистенции.
Кај Вашингтон, Тре Јанг беше најефикасен со 37 поени, додека Ентони Дејвис и Алекс Сар постигнаа по 30, но нивните индивидуални партии не беа доволни за победа.
РЕЗУЛТАТИ:
Филаделфија – Торонто 123-112
Вашингтон – Детроит 140-144
Минесота – Далас 133-94
Феникс – Шарлот 101-96.


