Репрезентацијата на Србија ја оствари првата победа на Олимписките игри откако го совлада Порторико со 107-66.
Победата на „орлите“ во ниеден момент не беше доведена во прашање, но таа остана во сенка на она што се случи со Никола Јокиќ. Центарот на Денвер можеше да стане само четврти играч во историјата кој остварил трипл дабл на натпревар од Олимписките игри, но на крајот не успеа во тоа.
По три четвртини, тој веќе имаше 14 поени, 15 скока и 9 асистенции и се очекуваше многу лесно да влезе во друштво на Александар Белов, Леброн Џејмс и Лука Дончиќ кои се единствен со трипл дабл на Олимписките игри. Место тоа, Јокиќ ја преседе цела последна четвртина, а нејасно е дали тоа беше негово барање или одлука на селекторот Светислав Пешиќ.
Јокиќ на теренот помина само 23 минути и за тој период уште еднаш покажа колку е значаен за српската репрезентација со оглед на тоа што оствари индекс 34, убедливо највисок на мечот. Филип Петрушев беше најефикасен со 15 поени, плус 9 скока, а двоцифрени беа уште петмина српски кошаркари. Кај Порториканците, Кристофер Ортис беше убедливо најдобар стрелец со 19 поени.


