Репрезентацијата на Србија оствари убедлива победа во својот прв подготвителен натпревар пред Олимписките игри во Париз.
На гостувањето во Лион, „орлите“ го совладаа домаќинот на Олимпијадата, Франција со 79-67 во меч во кој главно ја контролираа играта. „Триколорите“ добро почнаа, водеа со стартот на втората четвртина, а потоа Србија направи серија од 19-2 за водство од 39-27 кое потоа не го испуштија до крајот. Во третата четвртина гостите водеа и со 17 поени разлика (51-34), во финишот Франција се доближи на -4 (65-69), но Србија сепак не дозволи пресврт.
Клучен играч на српската репрезентација беше Никола Јокиќ кој оствари дабл дабл со 20 поени и 12 скока и беше најзаслужен за серијата во втората четвртина која го одлучи победникот. На полувреме веќе имаше 17 поени и 9 скока, па во вториот дел претставуваше повеќе логистичка поддршка за своите соиграчи. Слично беше со Виктор Вембанјама кај Французите, имајќи предвид дека тој во првото полувреме постигна 12 од вкупно 14 поени. Сепак, останува фактот дека Јокиќ немаше никакви проблеми со противничките центри Вембанјама и Гобер, па дури и си поигруваше со нив и покрај тоа што мораше да го напушти теренот поради пет лични грешки на две минути пред крајот.
Откако ценгтарот на Денвер замина на клупа, Франција се доближи на само четири разлика, но на сцена потоа стапи Василије Мициќ кој постигна тројка и му асистираше на Петрушев за уште една што значеше крај на сите надежи на домаќините дека можат да дојдат до победа.
За Србија ова беше прв подготвителен натпревар пред Олимписките игри, додека Франција веќе одигра четири меча при што ги победи Турција и Германија, а загуби од Германија (во вториот дуел) и Србија.


