Репрезентацијата на Србија славеше со 94-72 против Грција на последниот подготвителен натпревар пред стартот на Олимписките игри во Париз.
Во два дена, Србите постигнаа вкупно 213 поени во дуелите против Јапонија и Грција во Белград и покажаа дека во одлично расположение и форма ја дочекуваат најголемата спортска манифестација. Околу 18 илјади навивачи вечерва во белградската Арена можеа да видат демонстрација на сила од српската селекција која во ниеден момент не ја испушти контролата над играта и резултатот.
Во првото полувреме Грците некако парираа, разликата не беше голема и се чинеше дека можат да ја загрозат победата на домашната репрезентација. Сепак, во вториот дел кошаркарите на Светислав Пешиќ нагазија и стигнаа до убедлива и сигурна победа која дополнително ја крева самодовербата пред патот за Париз.
Богдан Богдановиќ беше најрасположен за игра, постигна 19 поени, Јокиќ додаде 16 со 8 скока и 6 асистенции, а Петрушев уште 15 поени. Во грчката репрезентација, која беше без Ник Калатес, убедливо најдобар играч беше Адетокунбо со 17 поени.


