Последните две години, кошаркарската репрезентација на Србија оствари големи успеси на Светското првенство и Олимписките игри, оваа земја го има еден од најдобрите играчи на планетата во Никола Јокиќ, има два претставника во Евролигата, но селекторот Светислав Пешиќ упорно инсистира дека претстои исклучително тежок период во овој спорт.
По Олимписките игри тој бараше Србија да добие своја професионална лига и да истапи од АБА, а сега отиде подалеку и во интервју за хрватски медиум најави дека многу брзо српската кошарка ќе го достигне дното, како хрватската.
„Често во минатото знаев да ги предупредам луѓето што ја водат кошарката во Србија дека сме на добар да ја достигнеме Хрватска во кошарка. Тоа значи дека сме на добар пат да го достигнеме дното. Ако ништо не се промени во главите на луѓето кои ја водат српската кошарка и кои сносат одговорност, ќе бидеме среќни ако се квалификуваме на европски и светски првенства, олимписките игри можеме да ги заборавиме. Тоа луѓето во Србија не сакаат да го слушнат и затоа не е ни чудо што никогаш до крај не бев интегриран во српската кошарка“, рече Пешиќ.
По осамостојувањето во 2006 година, Србија нема титула на големите натпреварувања, последниот трофеј го освои во 2002, во заедница со Црна Гора, под името СР Југославија, но далеку од тоа дека немаше успеси. Во овие 18 години се освоени пет сребрени медали (по две на светските и европските првенства и една на олимписките игри) и една бронза (на олимписките игри), а со актуелниот играчки кадар, Србија ќе биде веројатно најголем фаворит за титулата на Европското првенство во 2025 година.


