Денеска на програмата на кошаркарскиот турнир од Олимписките игри се последните два натпревара од групната фаза во кои се среќаваа САД и Порторико, односно Србија и Јужен Судан.
Јасно е дека фаворити се селекциите на САД и Србија, но со оглед на натамошниот дел од натпреварувањето, српската репрезентација има можност да калкулира со цел сигурно да ги избегне Американците до финалето. Тоа може да се случи ако денеска загуби од Јужен Судан бидејќи во тој случај сигурно ќе го освои третото место во својата група и ќе помине во четвртфиналето како една од двете најдобри третопласирани репрезентации. Со тоа, сигурно не може да се падне со САД во четвртфиналето или полуфиналето и ќе си ги зголеми шансите за освојување медал на Олимписките игри.
Селекторот Светислав Пешиќ, сепак, отфрли такво сценарио и најави максимално залагање во дуелот со Јужен Судан, без разлика на исходот од ждрепката која би била само формалност кога станува збор за четвртфиналето, но не и за следната фаза.
Од досегашните резултати, многу веројатно во четвртфиналето ќе играат: Германија-Грција, САД-Бразил, Канада-Франција и Србија-Австралија. До промена може да дојде само ако Јужен Судан ја победи Србија или загуби до два поени разлика бидејќи потоа ќе дојде до промена на позициите, а Грција ќе испадне од конкуренција и ќќе го заврши својот настап.
Со првичното сценарио (победа на Србија против Јужен Судан), САД и Германија ќе бидат носители и на различна страна од костурот, па постојат 50% шанси Србија да игра со американската репрезентација во полуфиналето. Другата можност, ако ја совлада Австралија, е да игра со Германија, што исто така нема да биде лесно бидејќи светскиот шампион и на овие Олимписки игри е во фантастична форма.


