Селекцијата на Србија не дозволи изненадување и со победа ја заврши групната фаза од олимпискиот кошаркарски турнир.
Постоеше можност со пораз, Србија да загуби на овој меч и да го освои третото место во групата бидејќи така ќе ги избегнеше САД до финалето. Сепак, не дозволи такво нешто, одигра максимално до крај и во последниот меч го совлада Јужен Судан со 96-85 и покрај тоа што долго време се мачеше против дебитантот на најголемата светска спортска манифестација. Србија доминираше во најголемиот дел од мечот и беше во водство, но африканската селекција не се предаде во ниеден момент и на секоја серија на противникот, одговараше со иста таква.
Во финишот до израз дојде искуството на српските кошаркари, како и подолгата клупа на селекцијата на Светислав Пешиќ. Суданците немаа одговор за Богдановиќ и Јокиќ, а во клучните моменти се разиграа уште Јовиќ, Мициќ и Петрушев и на крајот победата беше дури и убедлива.
Богдан Богдановиќ овојпат беше најефикасен кај Србите со 30 поени на кои додаде 8 асистенции, додека Јокиќ оствари дабл дабл со 22 поена и 13 скока. Кај Јужен Судан, Џонс и Шејок постигнаа по 17 поени.
Србија со оваа победа ѝ помогна и на Грција да се пласира во четвртфиналето, а актуелниот светски вицешампион во следната фаза ќе се сретне со Австралија. Јужен Судан не успеа да се избори за пораз до два поена разлика и го заврши својот настап на Олимписките игри како најслаба третопласирана репрезентација.


