Петти пат по ред, американската репрезентација ќе игра во финалето од Олимписките игри откако вечерва, по голема борба ја победи Србија со 95-91.
Малку недостасуваше „орлите“ да направат сензација и да го елиминираат првиот фаворит за златото, доминираа на теренот 35 минути, водеа и со 17 поени разлика, на стартот на последната четвртина имаа +13, а сепак не успеаја да дојдат до триумф. Селекцијата на САД блесна во последните 10 минути, направи пресврт и се избори за реприза на финалето од Олимписките игри во Токио каде, исто така, играше против Франција.
Србите подобро го почнаа мечот и подобро се снајдоа во шутерското шоу во првата четвртина во која САД го имаа само расположениот Стеф Кари. Играчот на Голден Стејт постигна 17 поени во воведниот квартал, погодувајќи пет тројки, ама Србија успеа да го неутрализира и на крајот од четвртината да води со 31-23. И во следните две четвртини, балканската селекција го диктираше темпото, во вториот период ги имаше највисоките +17 (42-25), а нивната доминација придонесе и за нервоза во противничкиот тим.
Така беше се до средината на последната четвртина кога полека почна да се топи водството на српската репрезентација. Една непромисленост и лична грешка на Јокиќ им овозможи две тројки за три секунди на Американците за намалување на 73-78, а клучна се покажа серијата од 14-2 со која селекцијата на САД го комплетира пресвртот и поведе со 91-86. Во финишот Богдановиќ погоди 2+1, но Кевин Дурант и Стеф Кари ја запечатија победата на својот тим.
Двете репрезентации беа расположени за шут од дистанца и погодија вкупно 31 тројка. Своја вечер имаше Стеф Кари кој погоди девет за вкупно 36 поени, но Ембид одлично се снајде против Јокиќ и реализира 19 поени, додека Леброн Џејмс оствари трипл дабл со 16 поени, 12 скока и 10 асистенции. Во српската репрезентација, Богдан Богдановиќ постигна 20 поени, Јокиќ 17 со 11 асистенции, а Аврамовиќ 15. Чудна беше одлуката на селекторот Светислав Пешиќ да го закова Аврамовиќ на клупа речиси цело второ полувреме и да игра со Василије Мициќ кој апсолутно потфрли.
Во финалето, Американците ќе се борат за своето 17., а Французите за првото злато во историјата. Србија, пак, во реприза на ланското финале од Светското првенство ќе се обиде да дојде до бронзениот медал.


