Кошаркарската репрезентација на Србија оствари голема победа над Франција со 90-87 во пријателскиот натпревар одигран во преполната „Арена“ во Белград.
Во центарот на вниманието беше дуелот меѓу Никола Јокиќ и Виктор Вембанјама, а српскиот ас уште еднаш покажа зошто е еден од најдобрите кошаркари во светот. Јокиќ натпреварот го заврши со 20 поени, девет скока и осум асистенции, додека Вембањама постигна 10 поени, но имаше слаб шут за три поени – 1/6.
Одлична партија одигра и Никола Милутинов, кој за само 17 минути постигна 15 поени и собра пет скока. Двоцифрен учинок имаа и Алекса Аврамовиќ со 13 и Огњен Добриќ со 12 поени.
Србија во финишот имаше предност од 12 поени и изгледаше дека сигурно ќе стигне до победата, но Франција со серија од 9-0 успеа целосно да се врати во натпреварот. Сепак, домаќинот остана смирен во завршницата и преку Аврамовиќ и Добриќ ја обезбеди победата.
Ова беше првиот од двата подготвителни дуели меѓу Србија и Франција пред августовскиот квалификациски прозорец за Светското првенство во 2027 година. Вториот натпревар ќе се одигра за три дена во Орлеан.


