Кошаркарската репрезентација на Србија направи важен чекор кон пласман на Светското првенство во 2027 година, откако убедливо го совлада Исланд со 102-73 во седмото коло од квалификациите.
Со новата победа, Србија стигна до учинок од 5-2 и сега се наоѓа на делба на второто и третото место во групата Ј, заедно со Италија. На врвот е Турција со максимални седум победи.
Ситуацијата е особено поволна за „Орлите“ по резултатите од останатите натпревари. Босна и Херцеговина ја совлада Италија со 78-76, додека Турција убедливо ја победи Литванија со 94-66, резултати кои дополнително ѝ одат во прилог на Србија.
Според квалификацискиот систем, трите најдобро пласирани репрезентации од групата обезбедуваат пласман на Мундобаскетот во Катар. Србија во моментов е токму во зоната која води на Светското првенство.
Сепак, борбата е далеку од завршена. Следниот натпревар за избраниците на Душан Алимпијевиќ е против Италија, во понеделник од 19:30 часот на гостински терен. Тоа ќе биде директен дуел на две селекции со идентичен учинок и исклучително важен натпревар во борбата за една од трите позиции кои водат на Мундобаскетот.
Српската репрезентација одлично го искористи ангажманот на Никола Јокиќ кој одлучи да игра во летните квалификациски дуели и со него во тимот „орлите“ имаат максимални три победи досега, со големи шанси серијата да ја продолжат и во Италија. Центарот на Денвер Нагетс не блескаше денеска во нападот, постигна само шест поени, но го затвори рекетот и оствари дури 13 скока.


