Синоќа заврши групната фаза на Европското првенство по што натпреварите се селат во Рига и таму ќе се одржи завршницата од континенталниот шампионат.
Пред почетокот на овој дел, ФИБА направи ново рангирање на репрезентациите, а на него има неколку големи промени. Пред се, тоа што Србија повеќе не е главен фаворит за титулата, туку се најде на третото место иако во сите анкети направени пред почетокот, убедливо беше на првата позиција.

На чело сега е репрезентацијата на Германија што е можеби и очекувано ако се знае дека оваа селекција покажа најмногу досега и просечно ги победуваше своите противници со над 30 поени разлика. На четири од петте меча ја мина границата од 100 постигнати поени и е убедливо најефикасна по првата фаза.
Голем скок забележа турската селекција која сега е втор фаворит за титулата што исто така е заслужено по петте победи во групниот дел, а особено по триумфот против Србија во последното коло. Пад забележа Франција, а напредуваше Италија која сега е на шестото место.
Денеска е слободен ден на Европското првенство, а натпреварувањето продолжува утре со првите четири осминафинални дуели.


