Три дена по Богдан Богдановиќ, повреда доживеа уште еден српски репрезентативец кој би требало да биде адут во составот на Светислав Пешиќ.
Станува збор за плејмејкерот Василије Мициќ кој доби силен удар од еден противнички играч во последната четвртина и во голема болка го напушти теренот. Прво легна на паркетот, потоа соиграчите му помогнаа да замине на клупа, а откако разговараше со медицинскиот тим, исклучително незадоволен и со евидентна болка отиде во соблекувална.
Додека одеше, се држеше за ребрата и за градниот кош, стави и мраз на повреденото место, но се уште нема информации за што конкретно се работи. Мициќ има голем проблем на ова Европско првенство на кое дојде во евидентно лоша форма што и не е изненадување ако се знае дека малку играше претходните две сезони во НБА лигата. Сепак, по повредата на Богдановиќ, тој е еден од играчите кој треба да преземе поголема одговорност, пред се поради своето искуство.


