Бројни српски медиуми синоќа и утринава го посочија селекторот Светислав Пешиќ како главен виновник за поразот од Турција.
Покрај повредите кои го погодија српскиот национален тим, а за кои искусниот стручњак не може да одговара, на Пешиќ му замеруваат за неколку одлуки во финишот од натпреварот. Конкретно, зошто играше Василије Мициќ во клучните моменти ако се знае дека е апсолутно надвор од форма, а на теренот не беше новиот капитен Стефан Јовиќ кој претходно одигра извонредно, особено во одбраната и имаше огромна заслуга за резултатскиот пресврт во корист на Србија.
За повеќе од 12 минути во игра, Мициќ имаше ефект од пет поени, еден скок и две изгубени топки и индекс 2. Стефан Јовиќ играше 21 минута, постигна 10 поени, шест асистенции и три скока и оствари индекс 17. Она што е најважно, со Јовиќ на терен, Србија била во позитива од три поени, додека со Мициќ во негатива од девет.
Втора одлука која му се става на товар на Пешиќ е таа да не повика тајмаут на 40 секунди пред крајот на мечот, кога Турција поведе со 91-90. Следниот напад Србите го одиграа конфузно, ја загубија топката и противникот стави точка на мечот.


