Искусниот српски стручњак Владе Ѓуровиќ кој работи како аналитичар на телевизијата Арена ѝ се извини на јавноста за своите погрешни проценки пред дуелот со Финска, но додаде дека српската репрезентација била преценета пред почетокот на Европското првенство.
Србија денеска доживеа шокантна елиминација од Финска и вторпат по ред е елиминирана во осминафинале од континентално натпреварување.
„Цела нација ја прецени оваа репрезентација. Точно е тоа дека недостасуваше Богдан, но не може еден кошаркар да промени се што било правено во текот на подготвителниот период. Јас вечерва најавив дека сигурно ќе ги победиме Финците, не верував дека можеме да испаднеме од нив, а реков и дека ќе биде трагедија ако со ваква репрезентација се вратиме без медал. Како ќе го лечиме овој дебакл, навистина не знам. Го имаме најдобриот играч во светот, кошаркари кои играат во врвни клубови и на сето тоа да одиграме вака… Катастрофа. Не може Јокиќ се сам, но многу други кошаркари немаа никаков или многу мал ефект“, рече Ѓуровиќ.
Тој додаде дека одговорноста треба да ја преземе селекторот Светислав Пешиќ, но тој ионака најверојатно нема да биде селектор во иднина.


