Иако од Кошаркарскиот сојуз на Србија и селекторот Светислав Пешиќ нема никаква информација, новинарот Марко Љубомирович кој е добро запознат со кошарката кај нашиот северен сосед, тврди дека Никола Јокиќ ќе настапи на Олимписките игри во Париз.
Јокиќ пред неколку дена ја заврши сезоната во НБА лигата со својот Денвер откако беше елиминиран во полуфиналето на Западната конференција и веројатно тоа е причината што, наводно, го потврдил своето учество. Ако Нагетс се пласираа во следната фаза, тоа ќе значеше уште најмалку две недели натпревари, практично до крајот на мај со што ќе се стеснеше просторот за одмор на Јокиќ.
Пешиќ се уште не го објавил списокот на кошаркари на кои ќе смета во Париз иако голем број негови колеги веќе го сторија тоа.


