Потегот на Кошаркарскиот клуб Вршац кој вчера одлучи да истапи од АБА 2 лигата и покрај тоа што таа беше веќе почната, предизвика лавина реакции кај останатите клубови од Србија.
Меѓу најгласните беа Војводина во чие име зборуваше претседателот Жељко Ребрача и поранешниот шампион Златибор преку својот тренер Страјин Недовиќ. Двајцата го критикуваа потегот на Вршац, сметајќи дека е некоректен, дури и задоцнет.
„Го разбирам незадоволството на Вршац, имаат причини за тоа, но не го разбирам начинот и моментот на носење на одлуката. И јас покажав незадоволство, ако некој треба да биде незадоволен, тоа е Војводина, но не можам ништо да одлучувам, ниту да коментирам на индивидуално ниво. Такви одлуки се носат заеднички“, рече Ребрача.
Недовиќ беше малку пожесток во реакцијата и го осуди потегот на Вршац нарекувајќи го некоректен кон сите.
„Тоа што го направија е некоректно кон сите и на некој начин несериоозно. Да го направеа тоа пред еден месец, кога добија повик од АБА, се ќе беше во ред и немаше да има проблеми. Но, кога ќе се случи во овој момент, тоа е крајно непопуларен потег кон АБА и кон играчите бидејќи знам дека некои од нив доаѓаат токму поради учеството во АБА 2 лигата. И тие се на некој начин оштетени“, рече Недовиќ.
Веднаш стигна нова реакција од Вршац од каде не му реплицираа на Ребрача, но затоа го исплукаа Недовиќ за кого изрекоа и низа навреди.
„Баш на примерот на Златибор кој е предводен од господинот Недовиќ, ние ја градевме одлуката за откажување од АБА 2. Ќе бевме несериозни да го прифатевме учеството, да платиме за да играме, можеби да ја освоиме лигата, а на крајот од истата да не добиеме ништо. Тој луксуз да испаднеме и смешни и глупави, да играме и покрај тоа што сме свесни за сите правила и прописи во регионалното натпреварување, не сакавме и не смеевме да си го дозволиме.
Жалиме што очигледно живеевме во заблуда дека во Златибор и господинот Недовиќ имаме спортски пријатели, но тоа повеќе зборува за нив, отколку за нас бидејќи вратите на нашиот клуб и град секогаш биле отворени за сите спортски субјекти од земјата, регионот и пошироко“, пишува, меѓу другото, во новото соопштение од Вршац.
Овој клуб вчера одлучи да се повлече од АБА 2, а лигата веднаш најде замена за него во Џокер кој е сопственост на Никола Јокиќ.


