Вечерва во Белград се одржа грандиозен пречек на српските освојувачи на медали на Олимписките игри во Париз, а меѓу нив и на кошаркарската репрезентација која заврши на третото место.
На фамозниот балкон на Стариот двор излегоа селекторот Светислав Пешиќ со најголемите ѕвезди: Никола Јокиќ, Богдан Богдановиќ, Алекса Аврамовиќ итн., но не се сите задоволни од она што се случуваше во Белград. Својот гнев го изнесе чичкото на репрезентативецот Бориша Симаниќ кој лани доживеа тешка повреда за време на Светското првенство поради што мораше да му биде изваден бубрегот, а неодамна изјави дека се чувствува заборавен од Кошаркарскиот сојуз и од државата.
Младен Симаниќ на Твитер ги искара кошаркарите и челниците од Сојузот затоа што не го повикале Бариша на прославата на балконот и покрај тоа што тој не беше член на репрезентацијата на Олимписките игри.
„Тенка е линијата од херој до заборав. Срам да му е на оној што требаше да крене телефон и да се јави. Напред Србија“, напиша постариот Симаниќ.
Својот последен ангажман Бориша го имаше во Сарагоса, а претходно играше и за Мега, ФМП и Црвена Звезда.


