Иако растоварен од каков било резултатски императив, Пелистер вечерва гостува кај актуелниот шампион МЗТ Скопје со желба да дојде до победа за зголемување на самодовербата пред полуфиналето од плејофот.
Ако успее да слави денеска, ќе си обезбеди серија токму против МЗТ Скопје, а во случај на пораз, ќе ја чека разврската во последното коло бидејќи битолскиот суперлигаш секако ќе го освои третото место. Поранешниот играч на МЗТ, Бобан Стајиќ посакува неговиот тим да продолжи со добрите игри и со серијата победи.
„Свесни сме за квалитетот на противникот кого максимално го почитуваме. Фактот дека имаме два пораза од МЗТ сезонава не менува многу, истото беше случај и со Кожув и со ТФТ, кои ги победивме во претходните две рунди. Шампионот е посебен предизвик и секако дека сакаме да славиме против него, но свесни сме дека тоа можеме да го оствариме само со максимална фокусираност во текот на сите 40 минути, како во нападот, така и во одбраната. Подготвени сме за тој предизвик“, вели Стајиќ.
Со мечот во „Јане Сандански“ завршува четврото коло од плејофот, а до крајот на оваа недела треба да се знае и конечниот пласман пред разигрувањето за титулата.


