Ако се усвојат најавените промени во АБА лигата, во блиска иднина, Србија би можела да има половина, па и повеќе од екипите во ова натпреварување.
Се укинува лимитот на клубови од една држава, а нема да има бараж, туку само победникот од АБА 2 ќе обезбеди пласман во повисок ранг. Сезонава, дури три српски екипи се на врвот на табелата во АБА 2 лигата: Златибор и Спартак имаат 8/2, а Војводина е зад нив со 7/3, како и Широки и МЗТ Скопје.
Колку се сериозни овие три клуба во обидот да стигнат во елитната дивизија, најдобро зборуваат досегашните вложувања сезонава, а особено последното засилување на Спартак. Нов член на овој тим е поранешниот кошаркар на Партизан, но и на Фортитудо, Морнар, Уникс итн., Вил Мозли. Клубот од Суботица направи фантастичен тим бидејќи претходно се засили и со Немања Гордиќ, а во тимот ги има и Лука Церовина, Александар Цветковиќ, Марко Тејиќ, Душан Кутлешиќ, Андрија Бојиќ…, а тренер е Влада Јовановиќ. Мозли е одличен играч со големо искуство, ама има и здравствени (срцеви) проблеми поради кои е прашање колку е способен да го даде максимумот во овој момент, но секако неговиот потпис е доказ за високите амбиции на Спартак.
Тоа дополнително ја отежнува работата на македонските претставници МЗТ Скопје и Пелистер (ТФТ ги загуби шансите за пласман во плејофот) во обидот да ја освојат титулата во АБА 2 и да се пласираат во највисок ранг. Пелистер во последното коло од основниот дел, на 23 март се среќава со Спартак и тој меч може да биде од клучно значење за пласман во плејофот, а МЗТ Скопје, кој е 99% сигурен во разигрувањето, ќе го има за ривал тимот од Суботица од кого веќе загуби во декември со 81-86 и тоа кога Спартак уште не беше вака засилен.


