Иднината на европската кошарка би можела да добие голем пресврт. Според информациите на европските медиуми, НБА испратила официјална понуда за купување на Евролигата.
Според овие информации, понудата во моментов се разгледува, а следниот важен чекор би можел да биде состанокот на акционерите на Евролигата, кој е планиран за почетокот на октомври во Комо. Таму клубовите-акционери би требало да се запознаат со понудата и да одлучат дали ќе има простор за продолжување на преговорите.
Доколку информациите се потврдат, тоа ќе биде еден од најзначајните моменти во поновата историја на европската кошарка. Засега, сепак, нема официјална потврда дека е постигнат договор или дека НБА ја презела контролата врз Евролигата.
Интересот на НБА за европскиот пазар не е нов. Евролигата во март годинава официјално соопшти дека нејзиното раководство водело разговори со високи претставници на НБА за можни идни форми на соработка во Европа. Во истото соопштение се наведува дека се разгледува стратешко партнерство и на ниво на лига и на ниво на поединечни клубови.
Евролигата воедно има амбициозен план за следните години, со цел колективната вредност на натпреварувањето да достигне 2,5 милијарди евра во период од три сезони. Планирани се и значителни инвестиции во инфраструктурата, дигитализацијата и комерцијалниот развој на натпреварувањето. Сега вниманието е насочено кон Комо. Доколку навистина постои понуда од НБА за купување на Евролигата, состанокот на акционерите во октомври би можел да биде клучен за понатамошниот правец на европската клупска кошарка.


