И по 12 кола, Тофаш останува без победа на гостински терен откако попладнево загуби од Бешикташ во Истанбул со 72-73.
Многу малку недостасуваше по Фенербахче и Анадолу Ефес, македонскиот стручњак Емил Рајковиќ да го тресне и лидерот на табелата во турското првенство Бешикташ кој и нема пораз во досегашниот дел од сезоната. Иако речиси постојано беше во негатива, на нешто повеќе од половина минута дојде до предност од 72-70 и го одбрани нападот на домашниот тим.
За жал, по прифатениот скок, место да проигра свој соиграч, кошаркарот на Тофаш ја фрли топката во аут и Бешикташ доби нов напад. Метјус потоа погоди тројка за екипата од Истанбул, екипата од Бурса не успеа да го реализира својот напад и огромната шанса отиде во неврат.
По досегашните 12 натпревари Тофаш има биланс 6/6 со тоа што дома нема пораз, а на гости нема победа. Во момнентов е на шестото место, но може да биде престигнат од Анадолу Ефес и Трабзон кои вечерва и утре ги играат своите натпревари.


