Женската кошаркарска репрезентација на Македонија денеска ја очекува нов предизвик во претквалификациите за Европското првенство во 2029 година.
Избраничките на селекторот Виктор Петровски пред домашната публика во Штип ќе ја пречекаат селекцијата на Естонија, во обид да стигнат до првата победа во овој циклус.
Натпреварот ќе се игра во спортскиот центар „Џексон“, со почеток во 18 часот, а македонските кошаркарки ќе имаат можност да го поправат впечатокот по поразот од Романија во Букурешт со 53-73.
И покрај неуспешниот старт, во нашиот табор владее оптимизам. Младата Ана Милованова, која на дуелот со Романија дебитираше за сениорската репрезентација, верува дека желбата, борбеноста и заедништвото ќе бидат главните адути против Естонија.
„Натпреварот во Букурешт за нас беше добар старт и верувам дека со нашите најголеми адути – желбата, борбеноста и сплотеноста – ќе одиме само напред и кон подобро. Верувам дека токму тоа ќе го покажеме и против Естонија“, порача Милованова, упатувајќи повик до љубителите на кошарката да дојдат и да ја поддржат репрезентацијата.
Посебна причина за интерес кај домашната публика е и настапот на 17-годишната штипјанка Ива Колева, која ќе има можност да го облече сениорскиот дрес на Македонија пред своите сограѓани.
За Штип ова ќе биде и посебен кошаркарски настан, бидејќи градот првпат ќе биде домаќин на репрезентативен натпревар на една македонска репрезентација.


