Дебитантот во елитната кошаркарска конкуренција Штип ја оствари третата победа во низа во првенството откако вечерва на домашен терен го совлада Скопјт со 103-94.
Тоа беше и прв натпревар на кој штипјани постигнаа троцифрен број поени, а по голема борба, до победата стигнаа благодарение на подобрата игра во последната четвртина.
По 30 минути игра, домаќините водеа само со 71-70, на стартот од последниот период Скопје со трите поени на Џонс дојде до предност од 73-71, а потоа почна финалниот спринт на Штип. Со неколку помали серии постепено го зголемуваше водството за на 65 секунди пред крајот да стигне до највисоките +16 (103-87). Скопје со серија од 9-0 во финишот успеа барем да го ублажи поразот, но сега останува со само една победа во досегашниот дел од првенството и е во серија од четири порази.
Одлично функционираше шутот на штипјани кои постигнаа 16 тројки, а најефикасен беше Пал со 38 поени, додека се истаккна и Димчевски со дабл дабл од 10 поени и 11 скока. Паркер го предводеше Скопје со 29 поени и 14 скока, додека Џонс заврши со 23 поени и 11 асистенции.


