Со четири освоени шампионски титули, Стив Кер има многу причини да се смета за еден од најуспешните во постоењето на НБА, а наскоро на тоа ќе го додаде и фактот што ќе биде најплатен тренер во историјата.
Американските медиуми објавија дека тој прифатил продолжување на договорот со Голден Стејт Вориорс на уште две години за вкупна сума од 35 милиони долари, односно 17,5 милиони по сезона, почнувајќи од идната. Со тоа ќе го надмине Грег Попович од Сан Антонио чија годишна плата изнесува 16 милиони евра, но тој има договор на пет сезони за вкупно 80 милиони. Зад нив се Ерик Сполстра од Мајами со 15 милиони, Монти Вилијамс од Детроит со 13 и Рик Карлајл од Индијана со 7,2 милиони долари.
Стив Кер е тренер на Голден Стејт од 2014 година кога го наследи Марк Џексон и од Вориорс направи една од најголемите династии во историјата на НБА.


