Македонската кадетска репрезентација ги прави последните подготовки пред првиот натпревар на Европското првенство Б-дивизија чиј домаќин е нашата земја.
Попладнево, од 18:30 часот во Гевгелија ќе се сретне со Кипар во надеж и желба победнички да го почне шампионатот и да се избори за пласман во нокаут фазата. Селекторот Дејан Стојановски првпат е во ваква улога во својата кариера и со нетрпение го очекува официјалното деби на клупата.
„Работевме интензивно во текот на целиот подготвителен период. Немавме многу контролни натпревари, но затоа одработивме голем број квалитетни тренинзи и скримиџ натпревари. Ги избравме 12. играчи кои се борат еден за друг и кои ќе дадат сè од себе достојно да ја претстават Македонија.
Имаме 12 одлични карактери и 12 талентирани кошаркари кои имаат потенцијал да напредуваат многу во иднина. Најважно е да продолжат да работат посветено и дисциплинирано.
Горди сме што играме во својата земја. Тоа е чест, но и голема одговорност. Ќе направиме сè што е во наша моќ да ја претставиме Македонија во најдобро можно светло и да ја оправдаме довербата на сите што ќе бидат со нас“, рече Стојановски пред денешниот натпревар.
На Македонија ѝ е потребно да заврши на едно од првите две места во својата група за да се пласира во нокаут фазата и со тоа да ја продолжи борбата за А-дивизијата.


