Македонската репрезентација до 16 години денеска го заврши настапот на Европското првенство од Дивизијата „Б“, кое изминатите денови се одржуваше во Македонија.
По последниот натпревар, селекторот Дејан Стојановски го оцени настапот на своите избраници, посочувајќи ги причините за убедливиот пораз, но и работата која ја очекува оваа генерација во периодот што следува. Стојановски беше директен во анализата на денешното издание и призна дека неговите избраници не одговориле на начинот на кој се очекувало.
„Денеска не бевме спремни за борба, а направивме и многу тактички грешки. Не се држевме до гејм-планот, во многу моменти бевме недисциплинирани, а тоа на ова ниво не смее да се случи. Повторно имавме многу грешки и не е добро вака да се презентираме“, изјави Стојановски.
Сепак, селекторот смета дека конечниот пласман и целокупната слика од настапот се реални, особено ако се земат предвид ограничувањата со кои се соочуваше тимот.
„Мислам дека оваа слика е реална. Ние во групната фаза игравме на максимум. Имавме и лоши моменти, тоа е нормално, но немаме длабока клупа која може да ги компензира тие работи“, вели селекторот.
Македонија во групната фаза забележа две победи, а потоа следуваа натпреварите за пласман, во кои резултатите не беа според посакуваното сценарио. На крајот, кадетите го освоија 14. место во конкуренција на 22 репрезентации.
За оваа генерација, сепак, настапот на домашното Европско првенство претставуваше значајно меѓународно искуство. Стојановски е свесен дека без континуирана работа тешко може да се направи следниот чекор.
„Многу работа е пред нас!“, кратко порача селекторот.
Така, за македонските кадети заврши уште едно европско лето, но за оваа генерација најважниот дел допрва следува – продолжување со работа, напредок и градење на играчи кои во иднина би требало да бидат носители на македонската кошарка. Ако има некоја олеснителна околност, тоа е дека безмалку половина од кошаркарите се првпат вклучени во системот на младинските селекции и дел од овие играчи речиси никогаш не играле во националниот дрес, па поради тоа и не се познаваат добро. Стручњаците се категорични дека во овие кошаркари има голема перспектива, но како што посочи селекторот, потребна е работа во следните години за талентот да биде соодветно искористен.


