Еден од најдобрите српски кошаркари во историјата Предраг Стојаковиќ и легендарниот шутер на Индијана Пејсерс, Реџи Милер се дел од „Класата 2024“ во Куќата на славните на ФИБА.
Стојаковиќ имаше извонредна НБА кариера која траеше 13 години и во која освои и една шампионска титула, со Далас Маверикс. Претходно, една сезона помина во Црвена Звезда каде ја почна кариерата и уште пет во солунски ПАОК. Иако титула освои со Далас, најблескавите моменти во кариерата ги помина во Сакраменто Кингс од 1998 до 2006 година, како и со репрезентацијата на СР Југославија.

Со Сакраменто во 2002 стигна до финалето на Западната конференција, но беше запрен од ѕвездениот тим на Лос Анџелес Лејкерс, со Коби Брајант и Шекил Онил, тим кој беше кобен за Кингс и во 2000 во првата рунда и во 2001 во конференциското полуфинале. Откако ја заврши кариерата, Кингс го повлекоа неговиот дрес со број 16. Со репрезентацијата на СР Југославија беше европски и светски шампион во 2001 и 2002 година, а на континенталниот шампионат го доби МВП признанието.
Реџи Милер долго време беше најдобар тројкаш во историјата на НБА, додека неговиот рекорд не го собори Реј Ален, а потоа и Стеф Кари. Сепак, поранешната суперѕвезда на Пејсерс има титули од Олимписките игри во Атланта и Светското првенство во Канада.
Во „Класата 2024“ во Куќата на славните на ФИБА влегуваат уште Миао Лижие од Кина, Данира Накиќ од Хрватска, Ромен Сато од Централноафриканска Република, Скаидрите Смилдзина од Летонија, Кирк Пени од Нов Зеланд и Даниел Питерсон од САД. Церемонијата на прием на новите членови на Куќата на славните ќе се одржи во Сингапур.


