Екипата на Струмица ја оствари првата победа по враќањето во Суперлигата откако вечерва на домашен терен го совлада Пелистер со 84-69.
Струмичани на фантастичен начин ја крунисаа одличната партија, почнувајќи од втората четвртина. Пелистер подобро го почна натпреварот, доминираше во воведниот период, но потоа неговото темпо целосно опадна и на крајот го доживеа првиот пораз, по триумфот против ТФТ минатата недела.
Битолскиот тим во шестата минута имаше предност од 19-8 и се чинеше дека лесно ќе ги освои бодовите. Сепак, во продолжение работите целосно се сменија. Со серија од 11-2, Струмица прво се доближи на само два поена негатива, а кон средината на кварталот го комплетираше пресвртот и поведе со 25-24. Во таа втора четвртина Пелистер успеа да постигне само девет поени, па на голем одмор Струмица замина со огромни +13 (43-30).
По две минути игра во второто полувреме домаќините ја достигнаа највисоката предност (50-31), но ни тогаш победникот не беше решен. Пелистер не се предаде, почна да ја намалува негативата и на четири минути пред крајот на мечот се доближи на само еден поен разлика (63-64). Еден посед разлика беше и на 100 секунди пред крајот (69-71), но Пелистер тука застана, а Струмица имаше неверојатен финиш. Во последната минута домаќините постигнаа дури 13 поени, а Пелистер само два и тоа од линијата за слободни фрлања и на крајот Струмица дојде и до убедлив триумф.
Малик и Крофорд со по 21 поен ја предводеа Струмица со тоа што првиот имаше и десет скока, а се истакна и Пандев со 19 поени. Иако резервист, добар натпревар одигра и Метин Саити кој го заврши мечот со осум поени и осум скока. Кај Пелистер, единствен на ниво беше Димитриев со 18 поени и девет скока.


