Градот Струмица повторно би можел да има член на елитната кошаркарска дивизија во земјава бидејќи истоимениот клуб поведе со 1-0 во финалната серија од Првата лига и му недостасува уште една победа за место во Суперлигата.
На домашен терен, вечерва Струмица го победи Бутел со 84-69, без никаква неизвесност околу конечниот исход. Гостите беа конкурентни во првата четвртина, но потоа струмичани додадоа гас, до крајот на првото полувреме поведоа со 42-35, а во третиот период направија и двоцифрена предност. Бутел немаше сили да се врати во игра и мораше да му честита на подобриот противник.
Поранешниот репрезентативец на Македонија, Димитар Пандев ги предводеше струмичани со 21 поен, а најефикасен на натпреварот беше гостинскиот кошаркар Атанасов со 22.
Вториот меч од серијата се игра на теренот на Бутел и ако Струмица победи, ќе биде промовирана во нов суперлигаш.


