Еден од најголемите кошаркарски центри во земјава Струмица, во новата сезона, која почнува претстојниот викенд, место два третолигаши, ќе има еден клуб што ќе се натпреварува во Втората лига.
Екипата на Струмица ќе се фузира со Навико Академија ФМП и ќе го заземе неговото место во второлигашката конкуренција. Целата операција треба да биде официјализирана во текот на утрешниот ден кога треба да се знае и со кои кошаркари струмичани ќе настапуваат во новата сезона.
Поради преминот на КК Струмица во Втората лига, Третата лига Група В ќе остане со само шест екипи (Гевгелија, Дино Баскет, Шкупи, Баскет Кам, Вардар и Струмица Ролинг). Во првото коло од Втората лига, Струмица ќе гостува кај Мега Баскет во Прилеп, а поради новонастанатата ситуација, не е исклучено тој натпревар да биде одложен или преместен во друг термин.
Академија ФМП егзистираше на македонската кошаркарска сцена од 2011 година, во 2019 година првпат избори пласман во елитната конкуренција, а една сезона учествуваше и во БИБЛ лигата. Минатата натпреварувачка кампања ја заврши на претпоследната позиција и испадна во Втората лига, но раководството на клубот одлучи да и го препушти местото на Струмица.


