Српскиот кошаркарски судија Урош Николиќ e уапсен во меѓународна полициска операција под сомнение за поврзаност со организирана криминална група.
Акцијата била извршена во текот на вчерашниот ден во Белград, во голема полициска операција спроведена од Јавното обвинителство за организиран криминал, под сомнение дека Николиќ е дел од организирана криминална група осомничена за тешки кривични дела. Вкупно десет лица се уапсени во полициската операција.
Искусниот арбитар е на списокот на судии на Евролигата и оваа сезона, како и во АБА лигата и Српската кошаркарска лига. Тој треба да в петок да излезе пред Јавен обвинител за организиран криминал.
„Интересно е што кошаркарски судија на Евролигата со иницијали У.Н. беше уапсен тука во Белград, а во неговиот стан при претрес беше пронајдена голема сума пари, 250.000 евра, златни прачки и часовник. Се сомнева дека тој е финансиски поддржувач на активностите на криминален клан“, рече министерот Дачиќ.
Управата за криминалистичка полиција во Србија, во соработка со Европол и Евроџаст, спровела две големи одделни операции за апсење во кои биле уапсени вкупно 29 лица во Србија и во странство. Уапсените лица се товарат за голем број кривични дела, вклучувајќи тешко убиство, убиство и предизвикување општа опасност.


