Кошаркарите на Тиквеш забележаа значаен триумф во домашното првенство, откако во Кавадарци го совладаа Пелистер со минимални 72-70 во неизвесен натпревар од Суперлигата.
Тоа е трет триумф во низа за кавадаречкиот тим и со него се зацврсти на третата позиција на табелата, со надеж дека ќе може уште повеќе да напредува во продолжение од шампионатот. Домаќините успеаја да го добијат дуелот со битолчани во тесна завршница, во која секој посед имаше големо значење. Пелистер се обиде да дојде до пресврт, но Тиквеш ја задржа предноста и на крајот се радуваше на важна победа.
Најзаслужен за успехот на кавадарчани беше Дејвион Сјукс, кој одигра одличен натпревар и забележа дабл-дабл од 21 поен и 15 скока, предводејќи го својот тим во еден од најнеизвесните дуели во колото. Кај Пелистер, Кочовиќ и Вилсон постигнаа по 16 поени.
За разлика од Тиквеш, Пелистер е во исклучително лоша форма, а денешниот пораз беше трет по ред и четврти во последните пет меча.


