Денвер Нагетс славеше со 112-101 во дербито на Западната конференција против Далас на гостински терен.
Натпреварот го одбележа големиот пресврт што го направи тимот од Колорадо кој беше во негатива од почетокот до средината на последната четвртина, а на четири минути пред крајот на третиот период губеше и со 19 поени разлика (67-86). Сепак, последната четвртина му припадна на Денвер со 33-12 за трета победа во низа и четврта во последните пет натпревари.
Далас на овој меч беше без своите две најголеми ѕвезди Лука Дончиќ и Кајри Ирвинг и не успеа да слави без нив трет пат по ред. Ова беше и директна битка за четвртата позиција во Западната конференција, па Денвер сега има една победа повеќе од својот денешен ривал.
Томпсон го предводеше Далас со 25 поени, но Денвер повторно го имаше тандемот Вестбрук-Јокиќ кој за малку не заврши со трипл дабл. Вестбрук реализира 21 поен, 10 скока и 7 асистенции, додека Јокиќ заврши со 19 поени, 18 скока и 9 асистенции.


