Големиот македонски талент Александар Зунзуровски денеска е топ-тема во српската кошарка, кога станува збор за младинските категории, откако одлучи да замине од Црвена Звезда и да се пресели во најголемиот ривал Партизан.
Преселбата се случува нешто повеќе од еден месец откако Зунзуровски ја однесе Звезда до титулата во пионерското првенство на Србија, како најефикасен играч во финалето со 34 поени. Со своите 15 години, тој игра исклучително зрело и стручњаците му предвидуваат блескава иднина, а сето тоа го препознаа во Партизан од каде брзо реагираа и го донесоа во своите редови еден ден по објавувањето дека си заминува од Звезда.
Зунзуровски ова лето првпат ќе ѝ се претстави и на македонската кошаркарска јавност бидејќи по добивањето документи, ќе настапи за кадетската репрезентација на Европското првенство Б-дивизија што ќе се одржи во Скопје и Гевгелија. Новиот играч на Партизан секако ќе биде еден од најголемите адути на новиот селектор Дејан Стојановски.


