Екипата на Крива Паланка првпат во својата историја стигна до трофејот во Суперкупот „Драган Василов Цевка“ откако денеска на домашен терен го победи бранителот на трофејот Баскет Кам со 63-51.
Очигледно актуелниот шампион е максимално подготвен за новата сезона, а тоа го потврди со доминацијата во дуелот со поранешниот првак. Со исклучок на првата четвртина, остатокот од мечот помина во знакот на домаќинките кои прашањето околу победникот го решија во вториот период.
Во тој дел од натпреварот Крива Паланка направи серија од 15-0 и поведе со 35-18. На почетокот од второто полувреме Баскет Кам се обиде да се врати во игра, дојде на само четири поени негатива (35-39), но Крива Паланка го одби ударот и по 30 минути игра повторно имаше убедлива предност, со 52-38. Во последниот квартал домаќинките дојдоа и до највисоките +18 (61-43) и тука беше крајот на сите дилеми околу победникот.
Гордон беше најефикасен во победничкиот тим со 23 поени, а се истакна и Ли со 17 поени и десет скока. Адамовска го предводеше тимот на Баскет Кам со 21 поен и девет скока.
Крива Паланка е трета екипа со трофејот во Суперкупот на Македонија, по Баскет кој има четири триумфи и Бадел со еден.


