Репрезентацијата на Мексико одигра неверојатен натпревар во квалификациите за Светското првенство 2027 и постави нов рекорд во историјата на натпреварувањето.
Мексиканците постигнаа дури 28 тројки во убедливата победа над Колумбија со 112-86, со што поставија нов рекорд по бројот на реализирани удари за три поени на еден натпревар во квалификациите за Мундобаскет.
Особено импресивен е начинот на кој стигнаа до рекордот. Мексико упати 48 обиди за три поени, а реализираше 28, што претставува фантастични 58,3 проценти успешност. Дури тројца мексикански кошаркари постигнаа по седум тројки, што дополнително ја покажува неверојатната ефикасност на домашната селекција во овој натпревар.
Рекордната шутерска претстава дојде на стартот од втората фаза на американските квалификации за Светското првенство 2027. Мексико со оваа победа испрати сериозна порака до конкурентите дека ќе биде тим кој не смее да се потцени.


