Вицешампионот на Македонија, ТФТ за првпат во својата историја ќе игра во финалето од АБА 2 лигата откако со 2-0 го елиминира црногорскиот претставник Сутјеска.
По триумфот минатата недела во Никшиќ, ТФТ славеше и вечерва на домашен терен, со 90-77 за комплетирање на историскиот успех и израмнување на подвигот на МЗТ Скопје кој претходно два пати стигна до финалето од АБА 2 лигата. За титулата и за пласман во елитната дивизија од АБА, ТФТ ќе игра со Широки кој со 2-0 беше подобар од Домжале.
И покрај најавите на тренерот на Сутјеска дека во Скопје доаѓаат за да победат, дилеми и неизвесност на овој натпревар речиси да немаше, освен во неколку периоди кога ТФТ имаше падови во играта, но не толкави за гостите да го направат драматичен натпреварот. Сутјеска беше рамноправна само во првите 4-5 минути, ТФТ потоа направи серија од 7-0 за водство од 15-8, а на крајот од првата четвртина нашиот тим имаше огромни 29-14.
Доминацијата на ТФТ продолжи и во вториот период, разликата константно се зголемуваше до највисоките на мечот +24 (49-25). Гостите нешто подобро го почнаа третиот квартал, се доближија на само девет разлика (51-60), но и тоа кратко траеше, со серија од 11-0, ТФТ отиде на 76-55 и до крајот повеќе немаше дилеми околу победникот. Гостите се обидоа да направат инциденти, очигледно немоќни да ја остварат својата цел, ама и тоа не помина иако ТФТ финишот го одигра без тројца кошаркари од кои двајца беа исклучени, а еден направи пет лични грешки.
Дејвис беше најефикасен во тимот на ТФТ со 23 поени од кои 15 постигна во првата четвртина, а додаде у девет скока. Ташковски заврши со 19 поени и осум скока, а Гордон и Говенс додадоа по 17 поени.
Како и во четвртфиналето и полуфиналето, ТФТ нема да има предност и во финалната серија имајќи предвид дека Широки беше најдобар во основниот дел од сезоната. Сепак, тоа досега немаше големо значење, нашиот тим е во серија од четири победи и растоварен од каков било императив, ќе се обиде да испише нова славна страница во историјата на македонската кошарка и да стане прв тим во земјава со трофеј во АБА 2 лигата.


