И покрај убедливите порази во втората половина од квалификациите за Европското првенство, селекторот на женската репрезентација на Македонија, Александар Ашаданов е задоволен од тоа како тече процесот на подмладување на националниот тим.
Последната година, македонската репрезентација остана без голем број искусни кошаркарки кои ги завршија своите кариери, па товарот на последните три меча главно падна на тинејџерки кои ги забележаа првите настапи во дресот со државниот грб. Оттука, поразите не се изненадување, но од нив може многу да се научи пред она што следува во иднина.
„Пред стартот на овој квалификациски прозорец, во договор со Федерацијата, направивме значително подмладување на репрезентацијата, со цел да изградиме тим кој ќе носи резултати во иднина. Свесни бевме дека како млада екипа нè очекува тежок натпревар. Имавме добри моменти, а младите играчи покажаа карактер и борбеност, Сепак, во клучните ситуации недостасуваше искуство и концентрација.
Од натпревар во натпревар девојките покажуваат сè подобра игра и докажаа дека заслужуваат шанса и доверба. Ова е дел од процесот на градење на тимот и верувам дека од ваквите натпревари ќе излеземе посилни. Продолжуваме да работиме и да се подобруваме“, рече Ашаданов.
На вчерашниот натпревар против Хрватска, единствена поискусна кошаркарка, од „старата гарда“ беше Александра Стојановска. Мерит Хемпе не играше поради повреда, а голем простор за игра добија 16-годишните Вања Милосављевиќ, Теа Трајковска и Јана Пислевска, 18-годишната Ања Начевска, 19-годишната Милица Николиќ и 20-годишните Марија Николов и Михаела Алексовска. Елена Тасевска и Илина Селцова имаат по 23 години и иднината, исто така е пред нив, како и 20-годишната Дора Алексова, единствена која вчера не заигра, но секако ќе биде во комбинација за во иднина.


